Атмосферата и работната средина на работното место можат да ги поттикнат вработените да бидат поефективни и посветени на својата работа. Ако вашата канцеларија е “соголена” и во неа имате само бироа и компјутери, можеби нема да го добиете максимумот од вашите вработени.

Во едно неодамнешно истражување на Dale Office Interiors, речиси половина од испитаниците изјавиле дека доколку на работното место би имале разноликост во работниот простор и релаксација, веројатно би биле попродуктивни.

Директорот на компанијата Dale Office Interiors, Ворен Брикнел, вели дека “Разноликоста на работните средини во рамките на една канцеларија во голема мера придонесува за зголемена флексибилност”. “Ако имате тивки простории, простории за состаноци, а понекогаш дури и простор за разонода внатре во канцеларијата, навистина може да им помогнете на вработените да дадат се од себе. Поентата е во тоа вработените да имаат избор да работат на начин кој што најмногу одговара на одредена задача”.

Еве четири начини како да ја дизајнирате работната средина за вашите вработени, со што ќе ја поттикнете продуктивноста и ефикасноста.

Обезбедeте простор за релаксација

Во истражувањето на компанијата Dale Office Interiors, било утврдено дека секој петти вработен се согласува дека со воведување на простор за релаксација на работното место би се зголемила продуктивноста.

“Во денешно време, луѓето навистина имаат потреба од место за одмор на работа”, вели Брикнел. “Големината и обликот на таквите простории не се важни, туку целта е да им овозможат на вработените да се чувствуваат поудобно, да разговараат и подобро да соработуваат со своите колеги”.

Обезбедување на место за “бегство” од канцелариските стресови е клучно за да се добие максимумот од вашите вработени. Според истражувањето, овие простории можат да послужат за различни цели, како место за ручек или неформални простории за состаноци. Исто така, тие може да се користат за одмарање на очите од долгото гледање во екранот или релаксирање на вратот и грбот од долгото седење во една иста положба.

Обезбедете тивки простории за приватна работа

Исто како што на вработените им треба место за одмор,  така понекогаш имаат потреба да бидат оставени насамо за да ја завршат работата. Повеќе од 17% од испитаниците потврдија дека таквите простории би придонеле за зголемување на нивната продуктивност, која што честопати е нарушена од различни дистракции.

Мег О’Нил, менаџерка за дизајн на Одделот за маркетинг апликации во компанијата Steelcase, која се занимава со продажба на канцелариски мебел, изјавила за „Business News Daily“- “Се чини дека сите ние се бориме со [приватноста на работно место].Тоа влијае на посветеноста, успешноста и задоволството од работното место”

Според истражувањето на компанијата Dale Office Interior, во просек на секои 11 минути вработените се прекинати во работата, а понекогаш им се потребни до 23 минути за да ја повратат својата концентрација.

Некои вработени подобро ги поднесуваат овие прекини во работата, но работење во хаотична средина може да им наштети на перформансите на вработените и да придонесе за зголемување на стресот. Ако работникот мора да се концентрира на одредена задача или пак само да направи приватен телефонски разговор, треба да има место каде што би можел да направи ваква и слична активност.

“Во секоја канцеларија клучно е да имате повеќе работни простории кои се прилагодени на различни работни стилови и различни задачи”, вели О’Нил. “На тој начин, секој вработен може да го даде својот максимум”.

“Со оглед на тоа што индивидуалните работни простории се  се помали и помали, важно е да се дизајнираат низа на меѓусебно поврзани простории во рамките на [канцеларискиот] екосистем”, додаде О’Нил.

Ослободете се од нередот во вашата канцеларија

На вашето работното место, треба да се чувствувате удобно, а не затрупано. Морис Леви, коосновачот на “Yard”, истакнува дека бидејќи повеќето луѓе поминуваат онолку време на работа колку и дома, работниот простор на компанијата е важен и треба да биде инспиративен, а не здодевен. Отстранувањето на нередот, како што се вишокот на кабли или хартии, ќе ја зголеми продуктивноста кај 13,5% од вработените.

“Нередот на работното место делува како дистракција”, вели Брикнел. “Од голема важност е да се води сметка предмети како кабли и хартии да не се оставаат насекаде низ канцеларијата”.

Не само што им пречи на вработените, туку нередот остава и лош впечаток кај потенцијалните клиенти и идните вработени. Но, овој лош впечаток лесно може да се поправи – средете го нередот.

Инвестирајте во технологија

Дури и наједноставните промени или промени во технологијата како што се побрзи Wi-Fi мрежи или таблети со екран на допир, се потребни за да ја направат работна средина пофлексибилна. Имено, 17,6% од испитаниците изјавиле дека подобрата технологија би ја зголемила продуктивноста на работното место – најверојатно поради подобрата комуникација и поголемото ангажирање внатре во компанијата.

Според Леви, бидејќи луѓето можат да работат било каде, разумно е да им се обезбеди место каде ќе бидат среќни. Треба да ја понудите најдобра технологија што вашата компанија може да си ја дозволи со цел да ги задржите талентираните вработени.

“Тешко е да се најде рамнотежа”, вели Брикнел. “Секоја работа е различна, а обврска на менаџментот е да одлучи кои промени мора да се направат на работното место за да се следат трендовите и да се задоволат потребите на вработените”.

For a better day @ work!
Пријавете се на
Delightful News
и
дознајте ги најновите канцелариски
трендови и решенија

Билтен зачленување